Чупакабра – мит или вистина

0
1386

Чупакабра – (шпански: Chupacabra,chupacabras) е легендарно суштество кое што живее на територијата на Америка, и кое што најпрво е забележано на територијата на Порторико. Името го добило поради тоа што ја напаѓало стоката и ја пиело крвта од неа, посебно од козите.

Чупакабра, или буквално преведено од шпански козо-цицач, е најмлад вид на криптид бидејќи за разлика од останатите мистериозни суштества се појавува дури во модерно време. Освен тоа, карактеристично за ова суштество  е  тоа дека  е единствен вид за кое што нема точен опис за тоа како изгледа.  Според изјавите од очевидците неговиот опис варира од вонземјанско суштество кое што се движи на две нозе, животно кое што личи на куче или којот, рептил со лушпи или перја, па се до лилјак со големина на мал човек.

Првите пријавени случеви за неговото постоење датираат од месец Март 1995 година на територијата на Порторико, кога се пронајдени 8 мртви овци, секоја со по 3 убодни рани во пределот на градниот кош и без капка крв во себе. Неколку месеци покасно, во Август, во Порториканскиот град Кановас, наводно се убиени 150 домашни животни и миленичиња, а очевидецот Меделин Толентино пријавила дека го видела суштеството кое што било одговорно за тој масакар. Наводно, суштвеството било големо колку мечка, со мала округла глава, крупни коси црвени очи, мала уста, боцки на грбот и со големи канџи на рацете и нозете. Најпознатиот американски истражувач на паранормалното, Бенџамин Редфолд, после 5 години истражување изјавил дека описот кој што го дала Меделин е идентичен со суштеството Сил од научно фантастичниот филм Вид (Species), кој со игра на случајот е прикажан недела дена пред нејзината изјава за Чупакабра, и дека аутопсијата на мртвите животни покажала дека во нив се уште имало крв и дека не биле “исцицани”. Редфолд изјавил дека Чупакабра можеби и постои, но не со тој опис кој што го опишала Меделин.

cupakabra-medelin
Лево се наоѓа Чупакабра која што ја опишала Меделин, а десно сцена од филмот Вид

Кратко потоа, започнале и пријави за Чупакабра низ Латинска Америка, од Чиле до Мексико, и делови на југот на САД, само што овој пат мистериозното суштество изгледало помалку фантастично.  Изгледот потсетувал на големо куче или којот, со долга муцка, мршаво тело кое што потсетува на крт, тенки нозе и тенок долг реп, без ниту едно влакно на телото.  Во 2004 година во Тексас се пријавени 150 случаеви на напад врз стока, а близу Сан Антонио во Тексас е убиено и суштество кое што нападнало неколку крави. Кај местото Колман во Тексас, еден ловец уловил и суштество кое што одговарало на описот за Чупакабра, а биле и пронајдени и уште два тела во околината на Сан Антонио. Двете научни испитувања на телата на универзитетите во Текскас и Калифорнија, покажале дека тоа биле којоти кои што биле заболени од тежок облик на шуга (Sarcoptic или Demodectic).

Во почетокот на 2006 година, во Март и Април во централна Русија се појавуваат случаеви слични на оние од Порторико и Текскас. Во овој случај биле пронајдени 32 мисирки, 30 овци и неколку грла стока, како и кучиња и мачки. Рускиот паранормален истражувач Вадим Чернобов ја следел трагата на руската Чупакабра во Украина, Белорусија и Полска, и собрал многу изјави за кој што на крајот направил и опис на руската Чупакабра. Таа според него била суштество кое што личело на кенгур со глава слична на крокодил, која што нејзините жртви ги напаѓала од воздух, ако им се верува на трагите од местата на нападите. Летечки крокодил – кенгур ? Што е многу, многу е најверојатно Вадим бил под влијание на водка и ладна руска ноќ.

Од 2007 година па до денеска се пријавени повеќе од 1000 случаеви на напад на Чупакабра, кои што се документирани на стотина фотографии и десетина видео снимки. Според овие докази и конечно е изработен опис на ова мистериозно суштество. Според нив тоа личи на куче со кратки предни нозе, шилеста долга муцка, мршаво тело и долг реп без влакна на него.  Според овој опис биолозите од Тексас имаат одлично објаснување, дека се работи за којот кој што е заболен од шуга, па поради тоа тој ги губи влакната на телото, ја губи својата тежина, и не може да го лови својот природен плен, па напаѓа лесен плен како овци или крави. Шугата напаѓа и лисици и јазовци, па во зависност од големината на заболеното животно зависи и големината на Чупакабрата.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here