Атлантида – Цивилизацијата што потонала во морето (Најголемите светски мистерии)

0
263
atlantida-mystodonia

Атлантида – Цивилизацијата што потонала во морето (Најголемите светски мистерии)

atlantida-mystodoniaТрагањето по загубеното кралство наречено Атлантида не престанува ни денес.

Тоа била благословена земја, богата со бујна вегетација и со рудници за скапоцени метали, вклучувајќи ги и среброто и златото. Нејзините жители биле културни, образовани и напредни луѓе. На средината на островот, на врвот на мало ритче, се наоѓале кралската палата или храм, центар на огромниот град кој од едниот до другиот крај бил долг 20 километри. Околу ритчето бил изграден цел систем од концентрични пловни канали низ кои пловеле повеќе едреници.

Тие водени патишта преку други, подалечни канали претставувале постојана врска меѓу широкиот систем од пристаништа во внатрешноста на островот и пристаништата што биле на морето, преку кои националните богатства биле извезувани во други краишта од светот. Тоа било успешно и надалеку прочуено кралство. Зашто, иако исчезнало од лицето на земјата многу векови пред новата ера, тоа име и денес е попознато од многу живи народи на земјата. Името на тоа кралство од бајките и на неговиот главен град било… Атлантида.

Атлантида на Платон

Низ средината на островот (Атлантида) се протегала рамнина за која велат дека била една од најплодните и најубавите рамнини, а недалеку од неа имало едно ритче. Него го опкружувале три појаси вода и два појаси копно, како прстени. На врвот на ритчето се издигало светилиштето посветено на Посејдон и на Клита, опашано со златен ѕид низ кој не смеело да се минува. Храмот на Посејдон бил обложен со сребро, освен статуите кои биле од злато. Два извора, топол и студен, давале изобилство од вода, а внатре имало и бањи за кралевите и за обичниот свет, за жените и за коњите. На вториот појас копно имало бродоградилишта и пристаништа, што биле опкружени со ѕид од густо збиени куќи. Од таа зона, пренаселена со народ, деноноќно допирала врева. А зад нив, на сончевите плодни рамнини, успевале најслатките овоземски плодови: корења, треви, цвеќиња, дрвја и овошје. Сето тоа, што го прославило островот, што сега лежи во темнина, настанало во чудесната убавина и бескрајното изобилие.

Критија и Тимеј од Платон

Единствениот опис што останал за Атлантида потекнува од грчкиот филозоф Платон, некаде од 347 година пред новата ера. Но дури ни тој не зборува од прва рака. Ја повторувал приказната што ја забележал атинскиот патописец Солон кој, пак, ја слушнал од египетските свештеници. Приказната што ни ја пренесува Платон вели дека Атлантида била голема нација што се распаѓала. Нејзините жители биле потонати во копрупција и неморал – и заслужиле страшна казна. „За еден ден и за една ноќ“, на целиот остров со пречник од 550 километри му се случила катастрофа со невидена сила. Атлантида била разнесена од експлозија по која следувал џиновски бран на прилив и за 24 часа се исчезнало.


Платон ја сместил трагичната судбина на Атлантида во временски период од околу 9600 години пред новата ера. А местото? „Зад столбовите на Херкул“ – како што денес се нарекува Гибралтар. Тоа би значело дека Атлантида се наоѓала некаде во Атлантски Океан, што претставува теорија која, според тврдењето на геолозите, е неодржлива. Не постојат подземни масиви на дното на Атлантик што би ја потврдиле приказната на Платон. Дали тоа значи дека прославениот филозоф изнел погрешни факти? Или едноставно ја измислил целата приказна како опоменувачка бајка? Одговорот би можел да биде дека епската бајка на Платон била заснована врз реални факти, иако датумот и местото биле поместени. Резултат од сето ова е загатката што луѓето ја решаваат со векови. Ова се само некои од пределите споменувани како место каде што е можно некогаш да се наоѓала исчезнатата цивилизација:

Среден Атлантик: Огромен гребен со форма на латинската буква С се протега по целата должина на коритото на северен и јужен Атлантик, од Исланд до Тристан да Куња. Се претпоставувало дека тоа е највисоката област на овој планински масив околу Азорски Острови, кој некогаш се издигал над морската површина формирајќи ја Атлантида. Се до почетокот на 20-иот век ова била најпопуларната теорија. Денес е отфрлена од научниците кои укажуваат дека Атлантскиот гребен полека се издига од длабочините, а не дека тоне и дека тоа трае веќе неколку илјади години.

Северна Америка: Штом Кристофер Колумбо се вратил во Европа со своите приказни за прекуокеанските земји, интересот за загубеното кралство Атлантида се зголемил. Англискиот филозоф сер Френсис Бекон цврсто ги поврзал легендата и фактите во своето дело „Нова Атлантида“. Историчарот Џон Свејн пишувал: „Може да се претпостави дека Америка некогаш била дел од еден голем континент што Платон го нарекол Атлантски Остров и дека кралевите од тој остров одржувале врски со народите од Европа и Африка. Таквата теорија сепак мора да се оспори. Народите во Северна Америка никогаш не достигнале ниво на цивилизација какво што било во времето на Платон“.


Исчезнатите рајски градини

Атлантида не е единствениот дел од светот што, според легендите, исчезнал во морските длабочини. Два континента, според преданието и двата поголеми од Атлантида и колепка на цивилизацијата, биле избришани од лицето на земјата.
Тие загубени рајски градини се познати како Му и Лемурија. Му веројатно се наоѓал во Пацифик и бил двапати поголем од Австралија. Лемурија, според легендата, се наоѓала во Индискиот Океан и ги поврзувала Африка и Малезија.
Теоријата за континентот Му ја изнел во 1870 година Џејмс Черчворд, полковник на британската колонијална армија во Индија. Тој вели дека од хиндустанските свештеници слушал за тајната за исчезнатата земја. Му покажале некои табели, одамна заборавени, и го научиле на прастариот јазик накал. Черчворд велел дека и во Мексико пронашол идентични камени табели. Според нив, Му потонал во океанот во голема катаклизма пред 12.000 години, заедно со своите 64 милиони жители. Многумина во тоа време верувале во приказната за континентот Му. Приказната за континентот Лемурија сепак била смислена повешто. Името и го смислил во 19-иот век британскиот зоолог, професор Филип Склејтер, кој целиот континент го крстил според лемурот. Фосилите од тоа и од други животни, пронајдени во Африка и во Малезија, го навеле Склејтер да ги оживее легендарните приказни за исчезнатиот континент во Индиски Океан. Неговата теорија ја поддржувале многумина, меѓу кои и биологот Ернест Хикел и истомисленикот на Дарвин, Томас Хаксли. Се чини дека биле користени помалку измислени податоци за создавање на легендата за Лионес – земја југозападно од англискиот брег – која, велат, ја посетил кралот Артур со своите витези. Хроничарот од 15-иот век, Вилијам од Ворчестер како доказ ги навел манастирските пергаменти кои кажуваат за „140 парохиски цркви, одамна потопени, што се наоѓале меѓу Корнвол и островите Сили“.

Се потонало за еден ден. Тој суден час, според народното предание, го одредил волшебникот Мерлин за да ги казни предавникот на кралот Артур, витезот Мордред, и неговите приврзаници.

Земјен прoвлак: Биле изнесувани разни теории за земјените провлаци кои некогаш ги поврзувале како мостови Африка и Јужна Америка, или ја спојувале Европа – преку Британија, Исланд и Гренланд – со Северна Америка. Меѓутоа, геолозите со сигурност знаат дека такви провлаци не постоеле во последните 150 милиони години.


Саргаско Море: Саргасо е португалски збор за пловечките морски треви, а Саргаско Море е токму тоа. Зафаќа простор од 1,5 милиони квадратни милји тревна маса што се собира околу бреговите на Флорида. Морнарите некогаш сметале дека таа ги покрива огромните плитки делови под кои се наоѓа потопената Атлантида. Всушност, морето таму е длабоко и до 500 метри.

Островите Сили: Феничаните, Грците и Римјаните и нивните историчари се повикуваат на „калајните острови“ што се наоѓаат на југозападниот брег на Англија, во продолжение на полуостровот Корнвол. Сепак, тие острови не одговараат на бујниот опис на Платон.

Бимини: Во периодот меѓу 1932 година и својата смрт во 1945 година, американскиот фотограф Едгар Кејси станал познат по својата видовитост. Иако никогаш не го читал Платон, тврдел дека пловел наназад низ времето и дека визуелно ја посетил Атлантида, опишувајќи ја на ист начин како и грчкиот филозоф пред 2.300 години. Кејси додал дека Атлантида ја уништила атомска експлозија (нејзините жители, наводно, веќе ја знаеле јадрената фисија) околу 10.000 години пред новата ера – што е приближно и времето што го одредил Платон. Територијата на Атлантида ја сместил на Северен Бимини, мал остров на Бахами, предвидувајќи дека „делови од храмот ќе бидат откриени во 1968 или 1969 година“.

Тоа била бесмислена приказна. Сепак, познатиот зоолог и нуркач, д-р Џ. Менсон Валентајн, во 1968 година открил необична структура под морето крај бреговите на Северен Бимини. Можела јасно да се види само од воздух и кога се нурнал да провери, видел дека тоа се ѕидови од некое големо пристаниште со кејови и брани. Ѕидовите, долги 500-600 метри, биле од масивни камени блокови и во пречникот имале повеќе од 5 метри.


Следните експедиции – а ги имало многу – наизменично го поддржувале и оспорувале тврдењето на д-р Валентајн дека ѕидиштата се дел од пристаниште што го направиле луѓе. Д-р Џон Хол, професор по археологија на Универзитетот Мајами, во 1970 година раководел со испитувањата во ова подрачје и изјавил: „Овие камења се создадени како последица на природниот феномен што е познат како плеистоценска ерозија на карпите крај брегот. Не најдовме докази од каква било работа на човечка рака. Поради тоа, за жалење на оние што веруваат во старата легенда, Атлантида уште еднаш беше оспорена“.
Две подоцнежни американски експедиции на Бимини, во 1975 и 1977 година, дошле до сосем различни наоди. Водачот на едната експедиција, д-р Дејвид Зинк од Калифорнија, донел на површината камен блок со рабови што биле обработени на перо и жлеб. Заклучок: „Веруваме дека структурата на Бимини е поскоро од археолошко отколку од геолошко потекло – но нејзината намена и натаму е предмет за размислување“.

Така мистеријата на Бимини останува допрва да биде решена. Можноста дека тоа е теренот на исчезнатиот град се уште не е побиена. И покрај тоа, како најверојатно подрачје за Атлантида се споменува местото што е прилично оддалечено од Карипскиот Архипелаг. Тоа веќе не е во Атлантик. Имено, многу археолози веруваат дека Платон направил две значајни грешки кога пишувал за исчезнатата земја.

Прво, Атлантида, ако воопшто постоела, веројатно не се наоѓала зад „столбовите на Херкул“, туку во самиот Медитеран. Второ, како што Платон ја забележал катастрофата, таа се случила 9.000 години порано отколку што објаснуваат египетските свештеници, па веројатно згрешил кога место 900 напишал 9.000. Ако е така, тогаш периодот на уништувањето на Атлантида се поместува некаде на 1.500 години пред новата ера место 9.600 години пред новата ера. А познато е дека 1.500 години пред новата ера се случила најстрашната од сите катастрофи во древните времиња.

Археолозите сега знаат дека цивилизацијата на Атлантида, што ја опишал Платон, е многу слична на високоразвиената миноска култура од бронзеното време, што цветала на островите во Егејско Море се до 15-иот век пред новата ера. Нагло била прекината околу 1470 година пред новата ера – и до денес не се знае зошто.

Меѓутоа, се знае дека во тоа време една вулканска експлозија со незамисливо уништувачка сила го разнела целиот централен дел на критскиот остров Калиста – сега познат како Санторин – што лежи на половина пат меѓу Грција и Крит. Морето го исполнило кратерот што останал по експлозијата.

Археолозите сега ги ископуваат наслагите од вулкански пепел длабоки триесетина метри што го покриваат она што некогаш бил островот на Платон. Успеале да создадат застрашувачка слика за она што се случувало пред речиси 3.500 години.

Бидејќи не нашле остатоци од човечки коски, се претпоставува дека жителите на островот биле предупредени за претстојната катастрофа од треперењето на почвата и од низа помали вулкански ерупции. Тоа што најверојатно следувало потоа било ова. Жителите влегле во чамци и се упатиле накај Крит, околу 70 милји на југ. Пред да успеат да стигнат до целта, Калиста експлодирала уништувајќи со жешката лава се пред себе.


Планината ригала во воздух, а пепелот и вжарените камења паѓале како дожд врз претоварените чамци. Набргу морето не се гледало од масата камења. Луѓето во чамците, неспособни да побегнат, умирале полека со грозна смрт, додека поројот од вжештен, задушувачки пепел станувал се подебел. За некои агонијата завршила со бранот на приливот, висок можеби и 70 метри, што го поплавил островот разбивајќи ги чамците на парчиња. Џиновскиот бран, што се движел со брзина поголема од 150 милји на час, бргу стигнал до Крит, срцето на миноската империја. Ги поплавил сите градови и села крај северниот брег и ги уништил пристаништето и главниот град Кносос.

Бранот бргу допрел и до бреговите на Северна Африка, а неговото дејство одговара на приказната од Стариот завет за раздвојувањето на Црвено Море што ги извел Мојсеј. Исто така, се претпоставува дека дождот од пепел, што зафатил над 100.000 квадратни милји, бил причина за приказните за египетската пропаст.
Некои споредби за тоа каков бил степенот на уништувањето може да се добијат од примерот со експлозијата на вулканскиот остров Кракатау во Индонезија во 1883 година. Околу 300 места на соседните острови Јава и Суматра биле опустошени, а умреле 36.000 луѓе. Експлозијата се чула во Австралија, 3.500 милји далеку оттаму, а ударните бранови трипати ја обиколиле Земјината топка, вулканскиот пепел стигнал дури до Африка и до Европа, а брановите на приливот го минале Пацифик и ги оштетиле чамците крај бреговите на Јужна Америка.

Веројатно слична била судбината и на Калиста. Остатоци од островот постојат и денес, под името Санторин, чија неплодна земја ја покриваат пластови пепел. Го сочинуваат два главни острова, Тера и Теразија, чии врвови високи 300 метри се издигаат над воденото пространство што е широко 7 милји, а на некои места е длабоко 400 метри. Тие води ја покриваат калдерата, мртвото срце на вулканот, што било создадено кога котелот со вжештени карпи се превртел и се излеал сам од себе.

Во средината на големиот кратер, што е покриен од морето – на местото каде што некогаш биле палатата и храмот на Атлантида – се наоѓаат две островчиња што се издигаат од длабочината одамна по првобитната катастрофа. Тоа се ридови од црна лава. Понекогаш од нив се крева чад – застрашувачко сеќавање на катаклизмата што можеби го уништила легендарниот остров Атлантида.


Чудото наречено Суртсеј

Потопени градови? Исчезнати континенти? Бесмислици. Поголемиот дел од луѓето со недоверба ги примале таквите легенди – се додека природата не ги разубедила во ноември 1963 година. Тогаш силите што ја уништиле Атлантида одново биле видени на дело, но овој пат во обратен смисол.

Капетанот на некој рибарски брод, што пловел крај јужниот брег на Исланд, преку радиоврска јавил во својата база дека од морето се подига огромен облак од црн чад. Заедно со екипажот вџашено набљудувал како од длабочините одекнуваат експлозии една по друга. Карпи летале и до височина од 500 стапки (150 метри), а прамните чад достигнувале височина од 10.000 стапки (3.000 метри). Потоа рибарите забележале како брановите заплиснуваат една огромна црна маса што изнурнувала полека од водата. Тоа бил врвот на вулканската планина што се подигала од длабочините.

За 24 часа островот достигнал височина на куќа. Во текот на една недела неговиот врв бил 200 стапки над морската површина. Кога по 2 години вулканската активност престанала, островот бил висок над 500 стапки и подолг од една милја.

Исланѓаните го нарекле својот новосоздаден остров Суртсеј, според Суртур, богот на огнот во скандинавската митологија. Островот, на кој денес живеат растенија, инсекти и птици, претставува најдобар доказ дека нови делови од Земјата може да се појават од длабочините исто толку брзо колку што и старите заминувале во легендата.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here