Дијамантот Хоуп – најголемиот убиец низ вековите

0
194

Дијамантот Хоуп – најголемиот убиец низ вековите

Луј Четиринаесетти го купил овој дијамант од францускиот трговец Жан Баптист Таверние, за кого се верува дека го украл од окото на некој тотем во индиски храм. Таверние потоа банкротирал и отпловил во Индија со цел да го поврати богатството, но трагично починал по пат. Кралот го дал дијамантот на обликување во облик на срце за да ѝ го подари на својата скандалозна љубовница Мимие де Монтеспан, која ја следеле бројни афери за „убиства со отрови“ и црна магија. Скандалот бил прикриен, но „францускиот дијамант“ ѝ донел несреќа, била жива спалена.

Стотина години подоцна, кралот Луј Шеснаесетти ѝ го подарил дијамантот на својата жена, кралицата Марија Антоанета, која поради заплетканост во скандалот со дијамантскиот ѓердан ја изгубила довербата кај народот, што била една од главните причини за кревање на француската револуција во која таа ја изгубила главата. Принцезата Де Ламбал, на која ѝ го позајмила дијамантот во некоја пригода, исто така била брутално претепана до смрт од толпа луѓе.

Дијамантот повторно се појавил во Лондон, но видно намален од првичната тежина, од 112,5 карати на 44,5 карати. Во 1830 година го купил лондонскиот банкар Хенри Томас-Хоуп, за 1.800 фунти и оттогаш е познат како дијамантот Хоуп. На Хоуп дијамантот не му наштетил, не му предизвикал никаква несреќа сè додека не дошол во рацете на пејачката Мери Јо, која се омажила за Френсис Хоуп. Тие имале брачни проблеми и таа фрлила клетва врз дијамантот дека ќе му донесе зло секому што ќе го има. Така и умрела, сама во беда и сиромаштија, обвинувајќи го дијамантот за тоа.

Лордот Френсис, поради големи финансиски проблеми на почетокот на 20 век, го продал на францускиот брокер Џек Колот, кој полудел и се самоубил, но претходно го продал дијамантот на рускиот принц Канитовсков, кој ѝ го подарил на својата љубовница, аматерска француска актерка. Истата ноќ, кога го носела на претставата, Канитовсков од ложата пукал во неа и ја убил. Него го заклале револуционери. Потоа го купил грчкиот златар Симон Мантаридес и му паднал во провалија. Турскиот султан Абдул Хамид, попознат како „Проклетиот Абдул“, го купил во 1908 година, во 1909 година почнал да полудува. Следниот сопственик Хабиб Беј се удавил.

Дијамантот потоа патува преку францускиот златар Пјер Картие во Америка. Го купува Едвард Маклен, сопственикот на „Вашингтон пост“. Најпрвин му починала мајката, па синот, па се разделил од сопругата, починале и две негови слугинки, беше заплеткан и во познатиот скандал „Типот Доме“, завршил како хистеричен алкохоличар. Неговата сопруга Евелин го задржала дијамантот, не верувајќи во приказните за неговото проклетство сè додека ќерка ѝ не се убила. Најдена е со дијамантот на врат во 1946 година. Евелин умрела наредната година, а потоа целиот нејзин накит го купил њујоршкиот златар Хари Винстон, се зборува за милион долари. Го изложил дијамантот во Њујорк, но на крајот одлучил да го подари на Институтот „Смитсон“. Тоа што го испратил по пошта покажува дека не го загрижувала проклетоста на дијамантот. Во 1965 година го тестираат со УВ-зраци во лабораторијата „Ди Бирс“ во Јоханесбург, тој продолжил да жари и по зрачењето, што го прави феномен меѓу дијамантите.

Денес, дијамантот Хоуп чека нова жртва. Последен пат е виден на 18 ноември 2010 година во Националниот музеј на природна историја во Смитсон, во Вашингтон, во новодизајнирана форма на ѓердан наречена „Прифатлива надеж“ и чека нов купувач. Цената е поволна, околу 215 милиони фунти. Повелете ако немате што да ѝ подарите на вашата сакана – ова е совршена идеја.

Претскажувачите веруваат дека кристалите имаат голема способност да апсорбираат. Оттаму е популарноста и на кристалната топка за која се крева голема врева, затоа и се чуваат замотани во црно кадифе за да не апсорбираат светлина и топлина.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here