Дрвото на осознавање

0
310

Дрвото на осознавање

Ерих Фром во едно од неговите многу читани дела го има кажано следново: “Проблемот на спознавањето на човекот е паралелен со религискиот проблем на спознавањето на Бога”. Оттука се поставуваат многубројни прашања во врска со целта на спознавањето на човекот за себеси. Кој дел од неговиот раст на интересот за себе ќе се поклопи со прогледувањето на присутноста на Бог? Ова прашање секако повеќе ќе се однесува на атеистичките индивидуалци или на оние кои постоењето на Бог го сфаќаат како нерешлива загатка.
Според Библијата Бог го створил дрвото на разоткривање или некои го нарекуваат и дрво на осознавање. Преку вкусување на плодот од тоа дрво требало да се случуваат тие примамливи сознанија. Но, се знае дека тие  сознанија биле колку пожелни толку и горчливи затоа што преку дрвото луѓето ја разоткривале и онаа лошата страна на животот поради што биле и огорчени. Наеднаш Бог ги лишил од онаа убавата или мирната и би рекле неосознаената страна на животот, со што првите луѓе морале да се запознаваат со нови, добро-лоши дела и појави.

Зошто Семоќниот го создал тоа дрво и тоа во Рајот? Нему очигледно не му било потребно, затоа што тој знаел се и можел да предвиди се, умеел да се заштити од сите зла и да живее во убавото. Значи тоа дрво било наменето на првите луѓе кои по Адама ќе го покажуваат љубопитсвото за откривање. Бог го знаел тоа, ја познавал суштината на човековото битие и со задоволство ја следел. И денес ја следи. Како може да не ја знае кога содржината на човекот или на неговото се уште за нас неоткриено битие ја составил по свој вкус? А вкусот ако се наследува, ако критериумите се земени од претходниците би запрашале од каде му се земени податоците како да го уреди денешниот човек? Или можеби, некаде, некогаш, во некое друго Место и во некое друго Време овој ист Бог се промовирал токму од таквиот модел на луѓе?
Ако Бог е промовиран од таков сој на луѓе, тој ист Бог ги создал таквите луѓе  од истиот сој од којшто самиот потекнува. Тоа било така устроено што првичноста на содржината на човековиот сој била примитивна или поточно се уште неосознаена. За тоа немало време или се уште не се пројави умноста на човековото битие. Колку и да биле тие луѓе, условно наречени примитивни и несовршени, во секој од нив е внесена или инкодирана божјата содржина, божјата линија на развиток. Оттаму е и природниот, тековниот стремеж кон совршенството на човекот. Затоа постои континуирано менување на човековата суштина, но во рамките на одредениот склоп на неговото битие. Или поточно би било дека низ одредени фази на неговото развивање, кое е наречено и се уште е популарно како еволуција, постепено ќе ни се открива Човекот се до неговото промовирање во некое Време и на некое Место, во Бог.


Семоќниот морал да ја знае љубопитноста на човекот како негова присутна содржина, но исто така се плашел дека преку неа лесно ќе се откриваат тајните божји, оние кои ќе се откриваат предвреме, пред времето што е “зацртано”. Тој ги казнувал луѓето оние љубопитници и непослушници, оние кои сакале да се “истрчаат” во процесот на откривање, на осознавање на се околу себе. Штом ќе го почувствувал тоа загрозување на границата меѓу човечкото и божјото, веднаш превземал мерки на казнување и елиминирање, ги отсранувал и реално и привидно до некое друго време. Големи биле страдањата на човекот, толку силни биле неговите повици во неволјата што до ден денешен се слушаат во нашите невидливи и недоволно спознаени сензори.
Да се вкуси од дрвото на осознавање значи да се искусат сите непознати зла, да се предизвикаат на појава сите можни кобни комбинации на добро-лошите дела. Тешките маки и очајувања не ги одвикнувале луѓето, посебните индивидуалци, да ги бараат тие плодови со занесна , но и со неизвесна иднина на случувањето. Страдањата не ги обесхрабрувале во потрагата на она што им се развивало постепено во својата внатрешна длабина, затоа што она што ги водело напред кон самоизградување е исконско напатствие, божјо правило. Ако телесното кај човекот веќе било усовршено како материјална градба, духовното заостанувало во својот раст, во своето неминовно созревање. Хегел блескаво ја следел таа релација на континуирано усовршување на духовната страна на поединецот… така и духот кој се развива, созрева постепено и тихо во нов лик, откинува едно по едно делче од градбата на својот претходен свет.
Дрвото на осознавање е тој претходен свет, готова градба, некогаш склопена како целина. Од неа се откинува парче по парче, ново и се поново во кое секогаш е присутен парот, едниот елемент од парот видлив, а другиот останува скриен во Непознатото. Пробувајќи го плодот од ова дрво се родил и стравот. Страв од раѓање на новото, кое било дотогаш непознато и затоа носело болка. Страв од непознато и непријатно откритие. Болно и притаено чувство што ќе донесе новото, колкави ќе бидат новите страдања со изникнување на новата содржина на појвата. Страв од откритие, од појавата на новиот лик.
Страв од појавниот лик?! Претчувство како чувство со непозната ознака, со незнаен извор. А сепак некоја сенка на знајност те предупредува, те подредува на вербата на можната појавност. Претчувство и немир како први знаци на појавувањето, на она што ќе следи по него…
Страв од непознатото е исконски елемент, вкопан во наслагите на подтелесните тунели, невидливи, а запаметливи, ранобудни во својата возбудливост. Се провлекува тој страв како космички код од праисторијата до денес, од Прапочетните никулци до сегашните недовршености. Целиот тој страв се претвора во борба за опстанок, но и во барање на моделите на бесмртноста. Ретките примероци на човековиот род низ долгите векови и милениуми се обидувале да го предвидат можното настанување на појавите, со тоа учеле како да го намалат стравот, да се ублажи болката на новото. Тогаш појавата си има своја убавина, зашто те носи во пределите на бесмртното каде што се е убаво и каде владее само едно време, време на добрите дела, кога нивниот противречен еквивалент – злото, е скриен длабоко во Непојавното.
Никогаш не сме сигурни што се крие во Непознатото, никогаш со сигурност не може да се предвиди со каков божествен здив ќе не погоди откритието, она што се создава за прв пат. И обично она што се открива за прв пат во својата најздрава смисла треба да е најдоброто, зашто во првичноста се крие енергијата на Редот. Таа се прикажува ретко и е скромна во своите раздавања. Во автентичноста е убавината и вербата дека ќе се појави подобрата страна од парот на противречностите.
О.Н.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here