Инстинкт

0
196
Инстинкт
Основна движечка сила на секое живо битие. За да тргне инстинктот не е потребна дозвола. Потребна е слободата на следење. И прифаќањето на многу изнијансирани можности да запаѓаш во бесмислености, во длабоки безнадежности. Низ нив секогаш ќе очекуваш да го чуеш гласот на одвраќање, на колебливо треперење или да те грабне гранка од раскрвавеното минато. Но, зар можеме нешто што е во нас да го напуштиме, да бегаме како од зол непријател барајќи спас од непознатата познатост? Да бегаш од сопствениот инстинкт е како да трчаш во сон без да ја допреш земјата, без да ја осетиш цврстината на стапалата низ кои се провлекува најопипливата семенска енергија, зачната во утробата на земјиното мајчинство.

Јунг му дава силно значење на инстинктивното сознание во кое е акумулирана способноста на сите чувствителни категории. Енергијата на инстинктот најмногу е изразена во детството. Детските фантазии не возбудуваат со својата автентичност, со прекрасната содржина на наивата, која толку многу им недостасува на возрасните. За постарите, детските соништа како мечтаења се од краток и минлив карактер, зашто тој свет веќе им е туѓ, одамна заборавен. Реката на инстинктот е најчиста и најнепромислена во своите полноводни дотеци. Нејзината бујност може да го преплави телото, од ножните прсти преку забревтаното торзо па се до главениот дел. Веројатно, најмногу тогаш се чувствува телото, напливнато од богатата содржина на пејсажи кои преку миговни искричења не потсетуваат на проживеаното, на минатото, независно во која животна фаза сме го поминале.
Таа река води по пат на неизвесно течение, на откривање на некоја роднинска притока, дотогаш заборавена некаде, во некој несвиден крај. Ослободувајќи го новото корито дотекува остатокот од некогашната историја, од заборавеното дејствие кое некогаш нужно морало да се запрети во слоевите на нашето подтело. И во него да го чуеме минатото проклетие или белиот аманет неодгатнат никогаш.  Или ќе се случи да го пронајдеме космичкиот грев сторен од дамнини за да се ослободиме од искривениот лик со кои ќе ни се дозволи и ние да го оставиме својот, сопствениот печат за да биде и тој длабоко зариен во земјината утроба.
Ни историјата ни науката ни надежта не сториле повеќе од реката на инстинктот. Ако сме допловиле на овој свет преку реката на заборавот, тоа полноводие на исконската река ќе стори се за да се пресуши заборавеноста. И изворот е во нас и реката и нејзината утока, и притоките беспрекорно послушни на инстинктивниот вик. Секое откривање е грч, како при откинато месо. И рик, кога ќе се насети мирисот на дивината.
Но како ќе се открие нешто ако не се тргне во пресрет на тоа нешто? Ако не започне да поплавува реката на инстинктот, ако во дивите потфати на течението не се сретне скриеното, непознатото. Она што не победува, она што не гони да ги откорнуваме браните меѓу Познатото и Непознатото, е таа знажна река во која се крие правецот на средбата. Опасен и непредвидлив, тој го бара бродот на искуството со чија помош ќе се стигне до новото, а всушност веќе одамна случено. Тогаш новото не се открива, тоа ти доаѓа самото во пресрет, во прегратката на свесното и видливото. Тогаш се случува среќавање, а не откривање. Самата средба не е откритие ако умееш во новото да го препознаеш познатиот лик и во рацете одамна скриената зборовна порака. Откривањето е за пред свет, пред другите да го откриеш она што сам си го сретнал пливајќи низ реката на инстинктот.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here