Најпознатите секти и култови (трет дел)

0
279

Најпознатите секти и култови (трет дел)

Работата на тајните култови стана особено интересна за јавноста, поради „делото“ на еден човек – „пречесниот“ Џим Џонс. Тоа е име од кое му се смрзнува крвта во вените на секого, што барем малку е упатен на оваа тематика. Се работи за човекот кој е одговорен за најголемото ритуално (само)убиство во поновата историја.
Џим Џонс одсекогаш имал болна желба да ги контролира луѓето и да управува со нив. Почнал како проповедник во Црквата на Христовите ученици, но набргу се впуштил во измислување нови догми и заводливи проповеди со цел да создаде сопствен култ на личноста. Набргу стекнал доволен број на обожаватели и одлучил да основа своја Црква. Во 1953 година веќе имал околу 1000 следбеници, кои редовно ги посетувале неговите проповеди и го следеле насекаде.

Од 1967 до 1971 ги убедувал луѓето дека претстои неизбежен нуклеарен холокауст, од кој мора да се засолнат. Тогаш го преместува седиштето на Црквата од Индијана во Калифорнија (која по се изгледа дека е Мека за разни религиозни експерименти) и и го дава името Храм на Народот. За вратогламниот успех на „пречесниот“ доволно зборува фактот дека успеал да влезе во круговите на самиот политичко-финансиски врв на Калифорнија. Многу бил почитуван и влијателен меѓу либералните политичари кои се натпреварувале за да се сликаат со него и да присуствуваат на неговите проповеди и приредби.
Сепак, меѓу неговите следбеници доминирале сиромашните слоеви и етнички малцинства, особено Афроамериканци, а „Пречесниот“ се погрижувал и тој што не бил сиромашен, набргу тоа и да стане. Многумина ги продавале своите имоти и куќи, за да дадат донација во фондот на Храмот на Народот, кој се разбира се користел за  „хуманитарни цели“. Тогашниот гувернер на Калифорнија Џери Браун редовно ги посетувал “спектаклите“ на  Џонс, и постојано се трудел да биде блиску до “пречесниот“. Ваквата фама почнала да ги интригира новинарите и независните истражители, па Џоунс доаѓа под нивната лупа. Набргу тие откриваат многу негови лудости и измами, како и низа финансиски проневери. Гувернерот ги отфрла овие сомневања и ги обвинува медиумите за „валкање на името на угледниот пречесен Џоунс“. Сепак, несоборливите докази, го принудуваат проповедникот да замине од САД. Тој купува неколку десетици хектари земја во џунглата на Гвајана и повикува 1000 најверни следбеници да го следат во „божјата мисија“. Го основа градот Џонстаун, далеку од очите на јавноста, каде тој е апсолутен господар. Гратчето било опколено со висока ограда и го чувале вооружани стражари. Во 1977 се раѓаат и првите деца, а градот функционира сам за себе: луѓето живеат во комуна, секој работи нешто, а „пречесниот“ седи на трон и командува. Во пролетта 1978 година, роднините на некои жители на Џонстаун, ја предупредуваат американската јавност дека во џунглата се случуваат незаконски работи. Луѓето се изолирани и затворени, а бегството е невозможно. Сите  му робуваат на Џонс и живеат во нехумани услови. Конгресот на САД одлучува  да прати инспекција која ја предводи сенаторот Ли Рајан. Заедно со екипи на новинари на 17 Ноември 1978 пристигнале во Џонстаун, каде Џонс ги повел во обиколка на неговото царство, кое  претходно го „нашминкал“ а  бунтовниците  ги замолчал. Сепак, до Рајан сепак успевеале да стигнат  повиците за помош и тој одлучува итно да се врати во САД  и  да ги извести надлежните.Џонс се обидел сето тоа да го прикаже како недоразбирање и да го убеди сенаторот да го смени мислењето. Кога тоа не му успеало, им наредил на своите луѓе да го убијат сенаторот и сите новинари. Тоа било почеток на крајот…

Неколку часови подоцна го собира своето “стадо“ од 1000 жители и им држи проповед за тоа дека Бог ги одбрал за својата последна, специјална мисија – ќе постанат маченици и херои ако со него тргнат во „револуционерна смрт“. Прво се усмртени најмладите. На децата, кои биле премногу мали за самите да го испијат, отровот им бил вбризгуван со шприцеви и со пипети во устата. Останатите испиле “коктел“ со цијанид. Сигурно е дека повеќето членови на „Храмот на народот“ го испиле отровот своеволно, меѓутоа пронајдени се и околу 200 тела со смртоносни рани, нанесени од огнено оружје, па е сосема извесно дека тие луѓе биле убиени. Конечниот биланс на масакрот во Џонстаун бил: 913 мртви, меѓу кои и „пречесниот“ Џим Џонс.
Слична трагедија се случила и во 1993 година, во тексашкото гратче Вако. Таму сектатата на давидијанците, предводена од „светиот“ Дејвид Кореш ги одбиле федералните агенти да влезат во нивната комуна. 17 лица изгореле во пожарот кој давидијанците го предизвикале кога агентите на АТФ најавиле дефинитивно влегување на фармата.Многумина сметаат дека катастрофата можела да се избегне и за фијаското ја обвинуваат несмасната акција на Бирото за алкохол, тутун и огнено оружје.
Во 1995 година во една куќа на Француските Алпи, 16 припадници на “Храмот на Сонцето“ извршија ритуално (само)запалување. Истрагата утврдила дека сепак станува збор за убиство, бидејќи повеќето од телата (вклучувајќи и три мали деца) имале прострелни рани. Потоа, телата биле полеани со бензин и запалени. “Храмот на Сонцето“ е виновен за смртта на околу 60 лица во ритуалните самоубиства во Европа и Канада, извршени во периодот помеѓу 1994 и 1997 година.
Од неколку десетици, а можеби и стотици илјади верски групи кои делуваат на оваа планета, има такви кои се издвојуваат првенствено со својот идиотизам и необичност.
Во американската држава Мичиген, делува Црквата на Никола Тесла. Делото на Тесла толку ги одушевил Американците, што тие заклучиле дека тој мора да е испратен од Бога (Cold fusion-a gift from God). Теслијанците тврдат дека следејќи ги пораките на добриот Никола, завладеале со законот на ладната фузија, но ја чуваат во тајност за да не дојде во погрешни раце.
Мислите дека последниот човек со мисија од Бога бил Исус Христос? Е па, не е! Така барем тврдат во Првата Прислијанска Црква на Елвис. За нив кралот на рокенролот е и божји пратеник. Не тврдат дека умрел за нашите гревови, но сметаат дека добрата Божја волја и те како се чувствува во Елвисовите песни, и затоа тој мора да е еден од синовите Божји.
Многу пак, залудени Руси, својот дом и среќа го нашле во една комуна во Сибир како следбеници на Сибирскиот Исус. И овој Исус не бил тоа целиот живот. Всушност, тој со години работел како сообраќаец, а се викал Сергеј Тороп. Во времето на распаѓањето на СССР, нему му се укажал отецот од небесата и му рекол дека токму тој е оизбраниот. Со таа приказна повел со себе во Сибир група луѓе, кои му поверувале и ден денес тие таму живеат и нешто работат…
Овие приказни најдобро е да се завршат со зборови на некој кој се „изгорел“. Една девојка, која со којзнае какво чудо успеала да го преживее масакрот во Џонстаун, Дебора Лејтон, вели: „Знаете, никој никогаш не се вклучил во секта или култ. Секогаш се работи за добротворни организации, добротворни групи или религиски огранок кој работи за напредок во општеството. Додека сфатиш дека си упаднал во стапица, веќе е доцна и скоро е неможно да најдеш излез.“
И навистина, колку следбеници некој би успеал да привлече со приказната: „Ние сме зли, целта ни е да ве контролираме, искористуваме и на крај да ве убиеме или да ве натераме во името на нашите цели да убивате други луѓе“?.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here