Настанувањето на светот и грчките богови

0
510

Настанувањето на светот и грчките богови

Во почетокот владеел неограничен Хаос, исполнет со темна магла, огромна бездна, праизвор на целиот живот на светот. Од него настанале Геа (Земјата), Тартар (темниот понор под Земјата) и Ерос (Љубовта) како творечка сила. Геа сама од себе ги родила Уран (Небото), Горите и Понт (Морето), а со Уран и Титаните, еднооките Киклопи и стораките Хекатонхири. Титаните биле дванаесетмина, шест машки (Титани) и шест женски (Титаниди); четворица Титани се ожениле со своите сестри и тие четири двојки биле: Океан и Тетија, родителите на сите реки на Земјата и под Земјата; Кеј и Феба, родителите на Лета (мајката на Аполон и Артемида) и на Астерија (божицата на ѕвездите и мајка на ноќната божица Хеката);  Хиперион и Теа, родителите на Хелиј (Сонцето), Селена (Месечината) и Еоја (Зората); најпосле најпознатата титанска двојка Крон и Реа, прародителите на олимписките богови.

Од другите двајца Титани Криос се оженил со Понтовата ќерка Еврибија, а Јапет со Океанидата Азија (или Климена), која му ги родила синовите Прометеј и Епиметеј, потоа Атлант (носачот на Небото) и Менетиј (пастирот на Адовите стада). Двете Титаниди, Темида и Мнемозина, подоцна му станале жени на Зевс: Темида му ги родила Хорите и Мојрите, а Мнемозина – Музите. Киклопите биле тројца: Бронто, Стероп и Арго. Хекатонхирите исто така биле тројца: Кот, Бријареј и Гиг.

Високо на врвот на Олимп се издигаат палатите на боговите што ги изградил Хефајст. Таму не врнат снегови и дождови, не дува ветар. Сите богови можат слободно да појдат таму, но сите немаат свое постојано престојувалиште. Имено, тројцата браќа Зевс, Посејдон и Ад си го разделиле светот меѓу себе, така што Зевс го добил Небото и со тоа власта над сите други богови, Посејдон – Морето, а Ад – Подземјето (подземниот свет). Земјата станала заедничко добро на сите богови, но сепак била под посебна заштита и височество на божицата Деметра. Во грчката митологија  се разликуваат три големи групи на богови и тоа:
1. Богови на Небото: Зевс, Хера, Темида, Хестија и Зевсовите деца: Атина, Аполон, Артемида, Арес, Афродита, Хермо, Хефајст, потоа мнозина помали богови, како на пример, Хелиј, Селена, Еоја, Ирида и др.
2. Богови на Водите: Посејдон, Амфитрита, Тритон, Нереј, Океан и др.
3. Богови на подземниот свет и на Земјата: Ад, Персефона, Деметра, Дионис и др.
Олимп со своите шилести врвови се издига до небото, така што честопати “Олимп” и ”Небото” се употребуваат со исто значење. Небескиот свод што го држи Јапетовиот син Атлант се издига над Земјината плоча, а по него секој ден се качуваат и слегуваат Сонцето (Хелиј) и ѕвездите. Земјината плоча ја опкружува големата светска река Океан, татко на сите води. Во внатрешноста на Земјата се наоѓа светот на мртвите, кој се вика Ад, според името на својот владетел. Подлабоко од него се простира темниот Тартар, каде што лежат Титаните оковани во пранги, а на крајниот западен раб од Земјата, на најоддалечениот брег на Океанот, се наоѓаат Островите на блажените или Елизиј. Меѓутоа, и Тартар и Елизиј се замислени како делови од Адот – Тартар како страшно сместувалиште на злосторниците кои ја издржуваат казната, а Елизиј како привлечен дом за добрите по смртта.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here