Окованиот Прометеј

0
358
Окованиот Прометеј

Кога бил создаден светот, со него владееле боговите, а Зевс бил врховниот бог. Тогаш земјата била исполнета со животни, морето со риби, а воздухот со птици. Забележал итриот Прометеј дека на земјата нема суштество што би владеело со неа и го создал човекот. Набргу луѓето се размножиле по целата земја. Но тогаш уште не знаеле да се служат со предметите, не знаеле зошто се сменуваат годишните времиња, не знаеле да градат куќи, туку живееле во темни и влажни пештери…

Видел Прометеј дека треба да им се помогне на луѓето и им покажал како да ги прегаат воловите во јарем, како да го користат коњот, како од билките да прават лекови. Ги научил дека во внатрешноста на земјата има многу благородни метали и многу други работи. И не само тоа. Тој и кај боговите секогаш се залагал во корист на луѓето. Барал да не ги оптоваруваат со претешки работи.
Кога веќе постигналл повеќе успеси во полза на луѓето, решил и да се пошегува за сметка на боговите. На еден натпревар помеѓу боговите и луѓето, од името на луѓето заклал голем бик, како жртва за боговите. Потоа го поделил на два дела. Во едниот, помалиот дел, го ставил месото, а во другиот, поголемиот дел, коските завиткани во маст. Потоа ги поканил боговите сами да си го изберат својот дел.  Дошол токму богот Зевс да го одбере делот за боговите и го зел поголемиот дел. Кога видел дека е излажан, многу се налутил и, за казна, на луѓето не им го дал огнот, важен елемент за нивниот напредок. Сметајќи ја таа одлука за неправедна, добриот Прометеј решил да го украде огнот од боговите и да им го подари на луѓето. Затоа, кога еднаш на небото се движела сончевата колона, тој зел од небесниот оган и, во голема трска, им го пренел на луѓето.
Кога го видел огнот меѓу луѓето, Зевс многу се налутил и долго размислувал како да им се одмазди. По негов наговор, уметникот Хефест создал прекрасна девојка која ја нарекол Пандора. Боговите неа ја надариле со многу зла и со еден сад полн со несреќи ја испратиле меѓу луѓето. Кога дошла кај луѓето, девојката сакала да види што има во садот, го поткренала капакот, а од него излегле многу болести и други несреќи и се растуриле низ народот. Пандора брзо го затворила садот, а во него останала само Надежта, која едноставно последна им останала на луѓето.
Зевс не му останал должен ниту на Прометеј. По негова наредба, тој бил однесен на Кавказ и бил закован на една карпа над некоја провалија. Така бил измачуван повеќе векови, дење од жешкото сонце, а ноќе од мразот. Но Прометеј знаел една тајна што никој од боговите и од луѓето не ја знаел. Само тој знаел кога на богот Зевс ќе му биде одземена власта и како да се спаси од таа неволја. Но тоа не го кажувал никому. Затоа, Зевс го казнил со уште поголеми страдања. Секој ден, над него слетувал орел кој му ги колвал џигерите, а тие секогаш преку ноќта повторно пораснувале. И тоа требало да трае се дотогаш додека некој од боговите доброволно не го замени во тие страдања. Но еднаш, барајќи ги златните јаболка што растеле во некоја непозната земја, тука минал Херакле, син на Зевс и на кралицата Алкмена. Знаејќи дека умниот Прометеј може да му помогне, Херакле решил да го ослооди. Со отровна стрела ја застрелал страшната птица што му ги јадела џигерите и го повел со себе. А за да се исполни и осудата на Зевс, Хирон, пријател на Херакле, се согласил да го замени Прометеј во страдањата.
Но дошле нови времиња. Зевс престанал да му се спротивставува на човековиот напредок. Прометеј, заштитникот на луѓето, дочекал таткото на боговите, Зевс, да му падне во раце.
Во спомен на Прометеј, во Атина се одржувале натпревари на кои натпреварувачите со запалени факели трчале од жртвеникот на Прометеј до градот и со факелот на победникот биле палени сите огнови во градот.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here