Тантал

0
272
Тантал

Како што се раскажува во приказните, Тантал бил еден од синовите на Зевс. Бил моќен крал што владеел во некоја област околу планината Сипила во Лидија. Како син на врховниот бог Зевс, бил привилигиран меѓу боговите, така што можел да седи со нив, да ги слуша нивните разговори и да учествува во нив. Исто така, заедно со боговите јадел амброзија и нектар и станал бесмртен. Но набргу почнал да ги злоупотребува привилегиите што ги имал кај боговите. Крадел нектар и амброзија и им давал на своите пријатели, обичните луѓе. И уште овој негов престап не бил откриен, Тантал веќе направил друга грешка.

Еднаш, кога нагости му дошле боговите, решил да се пошегува со нив, а и да провери дали тие навистина знаат се. Го исекол на парчиња својот син Пелоп, ги сварил во казан, а потоа ги измешал со другото месо што било ставено во чиниите по масите. Гостите (боговите), се разбира, веднаш ја откриле намерата на Тантал и никој не каснал од месото. Само божицата Деметра, која била скоро полудена поради загубата на ќерка си, не можејќи да се контролира, го изела месото од левата плешка. Боговите многу му се налутиле на Тантал и решиле да го оживеат Пелоп. Ги собрале сите негови делови, и коските и месото, а Деметра за изеденото место донела плешка од слонова коска. Му ги наместиле сите делови и го ставиле во казан. Малку подоцна, од казанот излегол Пелоп, жив и здрав и многу поубав од порано.
Тантал и понатаму продолжил да им греши на боговите. Кога некој го украл златниот пес од храмот на Зевс, му го донел на Тантал да го чува. Но Зевс бргу разбрал за кражбата и дошол кај Тантал да си го бара песот. Тантал пак тврдел дека не само што не видел никаков пес, туку и дека не чул за него. Дури и се заколнал во тоа. Зевс проверил и се уверил дека Тантал лаже и дека накриво се заколнал. Поради тоа, фрлил една карпа и го смачкал. А потоа и неговиот град Танталида бил разурнат од земјотрес. За сите грешки што ги направил, Тантал заслужил боговите да му изречат тешка казна.
По смртта, тие го одвеле во подземниот свет и го ставиле во едно езеро така што водата му достигнувала точно до грлото. Но кога ќе посакал да се напие, бидејќи бил многу жеден, водата се повлекувала и останувала само калта. Исто така, дел од казната било и тоа што над главата му виселе плодови од најразлични и најубави овошки, но кога ќе посегнел по нив, ветрот ги кревал високо под облаците. И на сето тоа згора, уште над него висела една голема карпа која се заканувала секој момент да падне и да му ја смачка главата.
Така, Тантал се мачел растргнат меѓу сопствената жед, предизвикот на водата и на овошките, како и поради постојаната опасност од карпата. Затоа, кога некој ќе трга многу мака, ќе се рече дека тоа се вистински Танталови маки.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here