Во потрага по методот – (Френсис Бекон)

0
557

Во потрага по методот – (Френсис Бекон)

Френсис Бекон е роден во Лондон (1561-1626) година – син на лорд – чувар на големиот печат и образован за правничка професија. Исто така Бекон во својот живот изградил државна кариера. Станал познат лорд канцелар и барон од Верулан. Познато е дека живеел раскошен живот. Подоцна пријателите го обвиниле во неговата работа како судија дека земал мито. Тој го признал обвинението и изјавил дека тоа не влијаело на неговите пресуди. Бекон бил исклучен од политиката и од тогаш живеел повлечено занимавајќи се со пишување. Во тој период заклучил дека без философијата не можел да живее.

Бекон е значаен во историјата на науката и философијата со воведување на метод како средство за сознание и со тоа што извршил големо влијание на своето време, бидејќи скренал внимание на недостатоците на науките во поглед на нивните методи и содржини. Се смета дека тој во сознанието ги поставил општите методолошки принципи. Бекон е водач на емперистичката философија (сознанието е резултат од емперијата, искуството, анализата, експериментот итн.). 

Со  пропаѓањето  на  античкиот метод,   схоластиката  ги  осакатила  науките  и  Бекон  ја согледал  сета  бесмисленост  на  схоластиката.   Затоа  се  заложил  да направи  „голема обнова  на  науките“  со  кои  ќе  го  врати  нивното  достоинство.  Во  неговиот  труд  „За достоинството и наголемување на науките“  Бекон инсистира философијата  да  ја изучува природата со цел дасе дојде до нови откритија и технички пронајдоци со кои ќе се зголеми производството и богатството на народот.

Старото оружје на Аристотел или органонот на силогизмот не можел да служи за напредокот на науките. Затоа сметал дека треба да се спротивстави на аристотеловиот органон во кој е нагласен дедуктивниот метод како средство на посебно познание. Во таа смисла Бекон ја предлага индукцијата со која се постигнуваат подобри резултати во научното истражување. Овие мисли ги излага во делото „Нов органон“. „Знаењето од искуството стои наспроти знаењето од поимот, од она што е спекулативно.“ , „Да се спознае суштината на светот како појава во неговото сетилно протегање“. Значи, додека орудието (органонот) за изградба на науките кај Аристотел бил ДЕДУКТИВЕН, Бекон ја воведува НАУЧНАТА ИНДУКЦИЈА со кои ќе се вршат откритија и напредување на науките. 


Но пред да се проучува природата, Бекон предлага да луѓето треба со своите глави да исчистат одредени заблуди (идоли) кои го отежнуваат духот, односно се пречка на вистинското сознание. На пример, пред да садиме пченка потребно е нивата да ја прочистиме од троскотот зошто во спротивност тој ќе пречи во развојот и родот на растението. Така разликува 4 идоли:

1. Идоли на племето се карактеристични за целиот човечки род. Овие заблуди доаѓаат од несовршеноста на сетилните и мисловните способности. Во тој случај погречна е мислата на Протагора „Човекот е мерка на сите ствари“.

2. Идоли на пештерата се заблуди кои се јавуваат кај одделни луѓе. Овие заблуди зависат од степенот на воспитување и образование како и од самата човечка природа „Секој човек има своја пештера која ја голта светлината на природата“ или „Сите луѓе имаат свои мушички на главата“.

3. Идоли на пазарот доаѓаат од комуникацијата на луѓето и двосмисленоста на говорот. Тие се предизвикани од наклоноста на умот да биде маѓепсан од зборовите, особено раширени меѓу филозофите на пример конечно, бесконечно, прв неподвижен двигател.

4. Идоли на театарот произлегуваат од авторитетите, системите и школите на мислењето.

Откако ќе се исчисти теренот од заблудите, Бекон ја применува новата методолошка постапка – индукција. Поимот индукција не бил нов. Аристотел него го применувал во просто набројување. Меѓутоа се покажало дека ваквата индукција не е сигурна. На пример, заклучокот дека сите луѓе се смртни суштества произлегува од искуството дека сите што живеат како Платон, Петре, Бекон умреле; па оттука секој којшто ќе се роди го чека истата судбина. Долго време се сметало дека сите лебеди се бели меѓутоа кога се открил црн лебед оваа индукција со просто набројување престанала да важи како вистинита. Затоа Бекон предлага дека пронашол подобра постапка, а тоа е научната индукција. Таа се состои од правење таблици. На пример изучувајќи ја топлината се создава таблица на присуство, таблица на отсуство и таблица на градација. Во таа таблица се наведуваат исцрпни случаи кога е присутна топлината, кога е отсутна топлината и како градира топлината во однос на нејзиниот интензитет. Со тоа поминала фазата на собирање. Потоа почнува самиот процес на индукција. Се отфрлаат случаите што не се солидни. Најпосле се обрнува внимание во преостанатите случаи. Таа општост укажува на причината за појавата. Во нашиот случај, секогаш кога имаме топлина имаме движење. Следствено, прилина за топлината е движењето. Дури отпосле може да се применува дедуктивниот метод (посебно заклучување). Осознавајќи го причинско-последичниот однос во природата, човекот може да влијае на нивното делување во пожелен правец. Откривајќи ги законите на природата, човекот станува господар на природата. „Знаењето е сила, знаењето е моќ“. Многу научници овој беконов метод не го одобрија, сметајќи го за погрешен метод. Тој единствено се потпира на класификацијата која е подобна за систематски истражувања.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here