Волтер (1694-1778)

0
542
Волтер (1694 – 1778)

Присуствувајќи на една своја драма “Меропа”, Волтер и замерил на глумицата дека треба да вложи поголем напор за да ја реализира трагедијата во нејзината улога. Таа му одговорила дека во се треба да го има ѓаволот за да ја долови таа страст. Сосема така, додал Волтер, човекот во себе мора да го носи ѓаволот за да постигне полн погодок во уметноста. Така тој во својата рака го ставил пеколот како моќ. Со трагедијата “Едип” пишувана во затворот Бастилја, Волтер ја започнува својата книжевна популарност, а подоцна завршува со неговите славни познати философски дела од кои карактеристични се: “Кандид”, “Философски речник”, “Философот кој не знае”, “Богот и луѓето”, “Философија на историјата” итн.

Одвратен, суетен, зборлив, несовесен, понекогаш нечесен, се дел од неговите карактерни особини. Но сепак тој истиот Волтер, бил неуморен добротворец, љубезен, дарежлив во пари, борец против фанатизмот во црквата, бранител на невино осудените, заштитник на прогонетите. Имал многу пријатели и непријатели – “Нека бог ме сочува од пријателите, а од непријателите сам ќе се погрижам.”Сето ова му донесува слава и духовен авторитет во тоа време. Кога и да се случело било какво злосторство против хуманоста, Волтер веднаш гласно го објавувал низ цела Европа името на виновникот. Крвавите пресметки помеѓу религиозните фанатици го огорчуваат Волтер до таа мера што тој во едно писмо до Далмбер, напишал: “Се срамам дека припаѓам на една мајмунска нација која честопати се претвора во тигар.”Многу од своите брошури и студии ги пишувал под псевдоним, меѓутоа читателите веднаш ги препознале острите канџи на лавот од Фаранеа. По долго прогонување на стари години триумфално се враќа во Париз 1778 год и воодушевено е пречекан од своите обожаватели.
Ова е еден дел од портретот на Франсуа Мари Аруе – со прекар Волтер. Со него започнува епохата на француското просветителство во 18 век. Токму затоа тој период е наречен Волтеров век. “Книгите управуваат со светот или оние народи кои имаат писмо на свој јазик.” Образованието е ослободување. Оној народ кој почнал да мисли, не може повеќе да му се наредува. И така Франција започнува да мисли со Волтер. Тој е учител на просветителското движење.
Волтер бил сјаен писател, поет, драматург, историчар и философ. Неговата сатирична зајадливост, искажана со перото предизвикувала ужас и силна омраза кај противниците. Но затоа терминот волтерјанец станал синоним за напредните луѓе во тоа време. Волтер огорчено се борел против феудалните привилегии. Тој велел дека ќе поверува во рицарското право, ако на грбот на селските новороденчиња види седло, а на нозете на рицарите шпори. Тој барал селаните да се ослободат од даноците и прекумерната експлоатација. Исто така, се борел и за слободата на зборот, печатот, совеста. Особено се нафрлал врз црквата, паразитското свештеништво и јавно ги повикува масите да ја згазат гнасата. Така Волтер станал борец за граѓанските човекови права.


Во својот роман Кандид, тој ја критикува мислата на Лајбниц кој тврди дека овој свет е најубав од сите можни светови. Според Волтер, овој свет не е најдобар од сите можни светови, зошто во него владеат војни, неправди, болести, сиромаштија. Со овие аргументи, Волтер докажува дека не може да се оправда постоењето на Бога. Гневен од француските свештеници кои несреќата (земјотресот) во Лисабон, го објаснуваат како божја казна за Лисабон. Во една песна ја изразил старата дилема “Или бог може да го спречи злото, а не сака, или сака да го спречи но не може.” Не се сложувал ниту со Спиноза, дека трагедиите на луѓето се ништо од гледиштето на вечноста. Но Волтер не бил атеист. Бранејќи се од атеизмот, сметал дека на народот му е потребна религија. – Ако не постои бог, треба да се измисли. Богот е во совеста на луѓето и тој влева страв кај народот ако не го почитуваат системот. Кога атеизмот би бил оправдан, тој би требал да се однесува на учените луѓе.
Во “Философот кој ништо незнае”, Волтер ги искажува скептичките и агностичките тенденции. Според него самиот поим супстанција – она подлежечкото, што и да откриеме од нејзиниот изглед секогаш ќе остане нешто кое треба да се открива (Лок).
Волтер се смета за еден од творците на философијата на историјата. “Јас не сакам  да пишувам за историите на војните, туку како луѓето живеат во своите семејства и културата која ја негуваат. Предметот на мојата историја е човечкиот дух и сакам да ги запознаам степените преку кои луѓето минувале од варварство до цивилизација.” Во историјата доаѓа до духовен напредок на луѓето, па затоа во неа треба да се изразуваат културните достигнувања на народите, а не да се опишуваат војните и животот на владетелите. Така, Волтер во “Историјата на философијата”, ја открил природната, а не теолошката причина за развојот на Европскиот дух. Ова Волтерово гледиште дава нов поглед на светот, во кои сите догми се избришани, во кои Европа открива други култури и религии, поголеми од нејзината. Ваквото непријателско откритие Францускиот крал не можел да му го прости на Волтер: Тој што себеси прво се смета за човек, а не за французин, никогаш повеќе не може да стапне на тлото на Франција.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here